Религијата и културата на стариот свет

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Религијата е поим кој што го користиме да означиме вера и доверба во нешто натприродно и трансцедентно. Во овој концепт на верување потпаѓа и моралното однесување на човештвото, разните негови обичаи и однесувања. Во овој контекст се изразува однесувањето на човештвото во историјата на своето постоење и се даваат разни одговори за природните појави во природата и целокупното постоење на животот. Латинскиот поим „religiere“ значи „да се поврзе“, а ова поврзување се однесува на човекот и вечниот, трансцедентниот Бог.

Зборот култура е преземен од латинскиот збор „cultus“ што значи „нега, или гаење на нешто“. Во долгата цивилизацијска историја значењето на овој збор и контекстот кој денеска го имаме, се менувал. На самиот почеток под овој поим се подразбирала обработката на земјата и одгледувањето на потребните аграрни култури, а денеска веќе овој збор има поинаква конотација. Во овој поим денеска се содржат човечките уверувања, изразувања, перцепирања, моралните вредности, религиските уверувања, кодексот на однесување и др. Од поодамна веќе под контекстот култура се сметаат човечките одлики кои го одделуваат човекот од животните. Впрочем, културата го обезбедува опстанокот на цивилизацијата. Сепак, и денес, општото прифаќање на терминот култура и човечкото изразување во своето постоење и понатаму е дискутабилно во однос на различните народи на планетата и нивната религиска припадност. Понекогаш некои бизарности во однесувањето се потполно оправдани во културата на народите, оттука пак доаѓаме до потребата и употребата на етиката. Но, од досега кажаното сепак се поставува прашањето каде можеме да го пронајдеме универзалниот морал кој го проникнува во себе и етиката на цивилизираното однесување. Ако и понатаму анализираме, можеме повторно да си поставиме и ново прашање: што е со цивилизираноста? Што се подразбира под поимот цивилизираност? Во анализирањето на нештата можеме да постапуваме „ad infinitum“ до бесконечноста, но можеби и сепак требаме да одиме во бесконечноста како би сфатиле дека таму е Бог, Кој е вечната вистина, и всушност Тој е нашиот пример и одговорот на сите дилеми.

Кога пак говориме за некој стар свет, подразбираме дека тоа е нешто што е заостанато и ретроградно. За старите работи денеска некако несвесно размислуваме дека се излитени, износени, валкани, оштетени, не модерни. Под модерно пак подразбираме дека е актуелно во сегашноста. Старото треба да помине за да дојде новото. Впрочем во сегашното време, во актуелноста потребно е она што е ново во однос на она што заминало во историјата. Сепак сфаќаме дека и овој поим „старо“ има различен концепт на согледување во денешницата затоа што не секогаш старото е лошо и треба да замине. Честопати сме сведоци дека старото може да е подобро од тоа што е ново или актуелно.

Објаснувајќи ги поимите на насловот, можеме да го анализираме контекстот на самиот наслов кој се однесува на она што поминало уште одамна во историјата. Она што денеска ние како православни христијани го подразбираме како стар свет, е стариот завет, или периодот од пред новата ера. Во тој контекст во стариот свет религиското изразување на народите било различно како и денеска. Различните религии создавале различни културолошки концепти во кој се изразувале безбројните обичаи на луѓето. Пред доаѓањето и раѓањето на Господ Исус Христос пророците го најавувале неговото доаѓање. Единствено Јудејците (Евреите), веруваат во едниот Бог Творец, кого го нарекуваат Јахве или Елохим. Во верскиот концепт на Јудејците е единствената вистина каде што во тоа време луѓето можеле да ја пронајдат смислата на создавањето и смислата на животот. Пророците на јудејската религија сведочат за волјата Господова и го подучуваат народот упатувајќи го на правиот пат на верата во стариот завет. Другите пак народи имаат потполно искривено толкување на животот и создавањето на светот кое пак се огледа во културолошките бизарности на перцепирањето и однесувањето на луѓето во општествата создавајќи ритуални магиски служења. Во Стариот Завет, во стариот свет уште не се родил Исус Христос, што значи дека уште не се објавил Господ вистински да поживее со луѓето и да ги научи на правиот пат на верата. Религиите во стариот свет се пагански, многобожечки и во нивните концепти се втемелени разни сатански и демонски содржини. Впрочем, непознавајќи го вистинскиот Бог Творец, луѓето создаваат сопствени системи на поврзување со она што е вечно, прапостоечко и трансцедентно. Оттука следува дека разните компилации на верување во тогашниот стар свет на земјата е потполно извитоперено и декадентно, освен каде што единствено чистата јудејската вера го исчекувала доаѓањето на ветениот Месија кои треба да го спаси израелскиот народ.

Културата е изразот на човечката припадност кон одреден култ кој се прославува, така што култот на верување во она вечното и трансцедентното ама не вистинското туку лажното, создава лоша култура. Каква ќе биде културата на оној кој верува во тоа дека принесувањето на човечката жртва може да придонесе благосостојба на земјата? Ако се конципира животот како случаен природен процес без учеството на божјата волја, тогаш културата на човекот ќе западне во тешка морална криза со одвратен егоизам на сопствената лична среќа која ќе се стекнува преку повампирен дехуманизам, кој ќе го уништува секого кој ќе претставува противник во личниот интерес.

Христијанството го понудува решението на сите спомнати проблеми, за сите стари и лоши навики. Родениот Богочовек Исус Христос ни ја открива вечната таинствена мистика на Божествената тајна, дека Он самиот Исус Христос е примерот за секој човек. Примерот на универзалниот морал и на етиката е самиот Господ Исус Христос, кој се роди како човек, го обожи човекот, го освети човекот, го воздигна човекот да постане Бог, ни покажа со личниот пример на љубовта, помагајќи им на луѓето и на природата, дека Он е вистинскиот, бесконечниот и апсолутниот морал. Она што беше старо и во сенката неоткриено, се откри, се роди и ни покажа по сопствениот пример како да живееме. Стариот Завет остана во историјата како старо и не совршено, за да дојде Новиот Завет со новиот животен кодекс на самиот Богочовек Исус Христос кој го повикува светот и природата на светот во вечната Негова слава на совршенството.


Лекции по веронаука