Процесот на осознавање

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Човекот е единствена и неповторлива личност, која нема своја копија. Колку и да се труди науката денеска да го ископира човекот, да го клонира преку генетскиот инженеринг, сепак карактерните особини на човекот, личноста како психичко битие не може да се ископира, туку може само да наликува на копираниот субјект по надворешните, телесни карактеристики. Сепак правото на животот и создавањето на единствена и некопирана личност ја има единствено Бог во својата власт.

Господ ја подарува личноста во моментот на создавање на човечкиот ембрион, потоа преку развивањето на ембрионот, раѓањето и неговиот живот, човекот го започнува својот опит во реалното постоење на својот живот во неколку фази на промени: создавање, раѓање, телесна смрт и вечност. Психијатријата преку своето искуство ни говори дека човекот од најраните фази на своето ембрионално постоење прима разни информации од околината и преку животот во утробата на мајката и нејзиното однесувањето, развива некаков степен на искуство. Во својот опитен живот, човекот како личност постои како нормална единка така што постојано гради личен однос со другите личности, со другите луѓе и со целата природа, градејќи слободен комуникативен однос помеѓу себе. Свесноста на личноста се развива преку искуството на животот во светот. Секако дека во процесот на развивање на личноста игра улога и степенот на интелигенцијата кој се развива. На развојот вршат влијание многу нешта кои се фактори и имаат силно влијание од надворешноста на општиот целокупен живот насекаде околу нас самите.

Процесот на осознавањето на целокупниот видлив живот, но и на оној живот кој е бестелесен, трансцедентен, невидлив, го доживуваме и oсознаваме на два начини: објективно и субјективно. Но, и под овие два поими можеме да анализираме, исто така, уште по два начина на перцепирање. Објективното искуство може да се однесува на општото прифаќање на заедничките норми и начела во општеството каде што живееме, со традиционалните вредности во кои спаѓаат верските и културолошките норми на религијата која ја прифаќаме. Како второ, објективно перцепирање, е научното, со фактите и дефинициите на емпиризмот, преку искуството и опитот. Под субјективен начин секако дека се подразбира личното верско и културолошко искуство на поединецот и неговото мислење, и како втора поделба – одредена група на луѓе со свое субјективно мислење.

Секако, човекот како индивидуа има лична потреба да ги прифаќа нештата преку своето лично созерцување, со своето предзнаење, преку влијанието на сите надворешни фактори, преку воспитувањето, преку образованието, преку целокупниот личен живот. Човекот се осознава себеси, го избира своето место во животот и ја бара суштината на своето постоење.

Личното искуство на верата кај верникот, преку благодатното дејство на Светиот Дух, го втемелува човечкото битие во неговото наменето место кое му е определено како дар Божји. Затоа секој човек треба да ја открие, да ја осознае својата животна патека и својата цел, дека ќе постои во бесконечноста. Човекот е икона Божја која го претставува Логосот Божји, Синот Божји, но секој треба да ја осознае својата вечна намена која е дар Божји поради Неговата совршена љубов. Секој човек има во себе потенцијал кој му е даруван од Бога со создавањето на неговата личност, но треба да го насочи на правиот пат и со својата слободна волја да ја оствари таа совршена цел. Секој човек е повикан во трансцедентниот есхатон, во местото на радоста и љубовта. Но, секој во себе треба да анализира и да го пронајде патот до небесното живеалиште на совршенството. Во сознанието се пронаоѓа и правото на личната слобода која ни ја дарува Господ, а многумина ја изразуваат на тој начин што за нив постојат само одредени луѓе кои ги признаваат и прифаќаат. За да станеме икони Божји и подобни на Бог, својата слободна волја треба да ја изразуваме така што ќе го љубиме Бога, другите луѓе и целата природа, затоа што и Бог својата лична слобода ја открива во љубовта со која делува. Само на овој начин можеме да бидеме единствени неповторливи личности кои ја осознале фундаменталната вистина со својата слободна волја и ќе живееме вечно сопостоејќи со Господа.

Човекот во своето осознавање ја изразува слободата и кога доаѓа во конфликт со другите луѓе и со природата, бидејќи и тие постојат без неговата волја, додека тој посакува да постојат како плод на неговата волја. Во агонијата на своето искривено перцепирање, човекот ги негира другите луѓе и целата природа. Но, ако човекот ја изразува својата слободна волја така што мрази, така што го негира Бога, другите луѓе и природата, тој така не постанува вистински слободен, туку безличен, постанува ништо и ќе заврши во смрт. Само во заедница со Господа, со другите луѓе и со целата природа, на човекот му се дарува единствено и вечно постоење.


Лекции по веронаука