Апел од Сојузот на православни новинари до меѓународните организации за заштита на човековите права по повод масовниот упад од страна на Украинската служба за безбедност

На 12 март 2024 година, вработените во Службата за безбедност на Украина извршија масовни претреси во работните и во станбените простории на украинските новинари и активисти за човекови права. Претресите ги погодија вработените во интернет порталите „Сојуз на православни новинари“ (СПЖ) и „Прв козак“, граѓанското здружение „Мирјани“ и иницијативата за човекови права „Центар за правна заштита“. Новинарите, вклучително и поранешни вработени, активисти за човекови права и административниот персонал, се обвинети за кривични дела со различна тежина, вклучително и за такви што се казнуваат со доживотен затвор, вклучувајќи велепредавство и создавање на организирана криминална група.

Петмина новинари и активисти за човекови права: протојереј Сергиј Чертилин, Андреј Овчаренко, Валери Ступницки, Иван Росада, Владимир Бобечко, беа уапсени и сместени во истражен затвор.

„Сојузот на православните новинари“ (СПЖ), интернет порталот „Прв Козак“, граѓанското здружение „Мирјани“ и „Центарот за правна заштита“ веќе долго време известуваат за кршењето на правата на верниците на Украинската православна црква (чиј поглавар е Митрополитот Онуфриј), вклучително и оние извршени од претставници на органите на власта, политичари и радикални организации.

Здружението „Мирјани“ и „Центарот за правна заштита“, исто така, обезбедуваат правна и јавна подршка на верниците и заедниците на УПЦ кои се подложени на прогон, дискриминација и запленувања на цркви од напаѓачи.

„Сојузот на православни новинари“ (СПЖ), „Првиот козак“ и „Мирјани“ ги исполнуваат новинарските стандарди за проверка и верификација на објавените податоци, користат формулации на допустлива критика и оценки на расудување во своите авторски публикации, фокусирајќи се на таа група на украинско општество којашто, за жал, е предмет на систематско укинување на правата, а тоа се верниците на Украинската православна црква (УПЦ).

Нагласуваме дека кога известуваме за прашањата за верска дискриминација, за кршење на правото на слобода на вероисповед и за говор на омраза во Украина, нашите публикации и проекти фундаментално избегнуваат говор на омраза, поттикнување на омраза и повици за незаконски дејствија против други категории граѓани, особено на верска основа.

Кривичните пријави против нашите новинари се засноваат исклучиво на содржината на јавно достапните публикации на „Сојузот на православните новинари“ (СПЖ), публикацијата „Прв Козак“ и на активностите на граѓанското здружение „Мирјани“ за заштита на правата на верниците на УПЦ. Односно, нам ни се суди за објавени факти за злосторствата против УПЦ, за анализите и за оценките на расудување во однос на овие теми. Здружението „Мирјани“ и Центарот за правна одбрана, пак, (се обвинети) заради законските правни активности за зачувување на човековите права, правата на верниците на УПЦ на слобода на вероисповед и религиозна активност.

Сметаме дека ова е целосно нелегално и неприфатливо за секоја слободна земја, особено за онаа која се стреми да ѝ се приклучи на Европската унија. Ако Украина му се спротивсставува на авторитаризмот на бојното поле во конфликтот со Русија, тогаш ние, граѓаните на Украина и целиот цивилизиран свет, немаме право да дозволиме нашата земја да се претвори во автократија, во територија на самоволие, каде што се нарушуваат клучните права и  слободите на човекот и на граѓанинот.

Ги повикуваме Меѓународната асоцијација за заштита на слободата на изразување (IFEX), Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права, Комитетот на ОН за човекови права, Комитетот на ОН за заштита на новинарите, Светската асоцијација на весниците, Article 19, Комитет за заштита на новинарите, Freedom House, Human Rights Watch, Меѓународна федерација на новинари, Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (SEENPM), Светската асоцијација на весници, Светскиот комитет за слобода на печатот и другите организации, кои не се рамнодушни за слободата на говор и за човековите права, да одговорат на хаосот што сега се случува во Украина во однос на новинарите, активистите за човекови права и свештениците, само затоа што се православни и општествено активни верници на УПЦ.

Според нашите информации, приведените новинари ќе бидат задржани во притвор до нивното изведување пред судот, кое можеби нема да се одржи наскоро. Во објективноста на тој суд се нема никаква доверба, поради експлицитната државна нарачка за овие кривични предмети.

Уверени сме дека единствената цел на приведувањето на претставниците на нашите организации е да бидат спречени да ги извршуваат своите професионални должности и да бидат замолчени.

Постапките на украинските власти претставуваат нескриен и агресивен напад врз слободата на говорот, слободата на мислење и човековите права. Тие постапки се преземаат во пресрет на усвојувањето на законот за забрана на Украинската православна црква, кој се подготвува во Врховната Рада (Парламент) на Украина, што, само по себе, укажува дека концептите „демократија“ и „човекови права“ во нашата земја се во најдлабока криза. Парламентарната демократија се деградира, пратениците отворено се заплашуваат, за да гласаат „правилно“ – за забраната на УПЦ.

Токму затоа, сметаме дека токму апсењето на претставници на печатот и на активисти за човекови права е преземено со цел да се прикрие и успешно да се протурка криминалната одлука, што украинските власти ја подготвуваат против Црквата.

Обвиненијата, што претставниците на СБУ ги презентираа како основи за притвор, се фабрикувани и немаат доказна основа.

Апелираме до меѓународните организации, до колегите новинари и до сите оние кои ги бранат основните принципи на цивилизираното општество – слободата на говорот и човековите права – со барање да реагираат на притворањето и на прогонот на вработените во „Сојузот на православни новинари“ (СПЖ), „Првиот Козак“, здружението „Мирјани“ и иницијативата за човекови права „Центар за правна заштита“.

Извор: https://spzh.media/ru/zashhita-very/79267-otkrytoe-obrashchenie-spzh-k-mezhdunarodnym-orhanizatsijam-po-pravam-cheloveka