Протојереј Златко Ангелески
Црквата го слави неговиот спомен на 4 мај
(250-304; латински: Florianus; германски: Florian)
Свети Флоријан е роден во Австрија околу 250 година, во античкиот римски град Цетиум (денешен Ст. Полтен, Долна Австрија). Уште како младо момче ѝ се придружил на римската војска, во која, благодарение на тешката физичка работа и одлучност, напредувал во повисок чин. Потоа бил поставен на висока должност во Норикум (една од покраините на Римското царство, денешен дел од Австрија).
Тогашните римски цареви Диоклецијан и Максимилијан, го засакале младиот Флоријан поради неговите способности во решавањето на проблемите и неговиот однос со луѓето. Во Флоријан тие гледале човек, кој мошне лесно се соочува со проблемите и истите ги решава. Но, во тоа време, Флоријан премногу трпел поради својата вера. Иако бил капетан во војската, тој не се придржувал до правилото „не прашувај, не говори“, туку отворено ја исповедал својата христијанска вера, и тоа токму во тие најкритични периоди.
Откако римскиот цар дознал за ова, го испратил својот помошник Аквилиј да ги убие сите христијани на територијата, со која управувал Флоријан, но и да разбере зошто Флоријан не се придржувал до заповедта. Кога Аквилиј се сретнал со Флоријан, го прашал зошто одбива да ги прогонува христијаните. Флоријан му одговорил: „Соопштете му на царот дека и јас сум христијанин и дека сум подготвен да ја доживеам судбината, која им е наменета на другите христијани“. Тогаш Аквилиј му понудил напредување во службата, само да го смени своето мислење, но Флоријан сето тоа го одбил и презрел.
Од овој одговор Аквилиј се почувствувал навреден, па им наредил на своите војници да го бичуваат, сѐ додека не го смени своето мислење. На оваа наредба, Флоријан му одговорил дека досега има претрпено многу повреди и рани поради царот, па зошто и сега не би претрпел маки заради Царот над царевите? Неговата храброст го запрепастила Аквилиј, кој се исплашил дека Флоријан со овој потег може и други да ги придобие во христијанската вера.
Кога царот слушнал што се случило, одлучил да ги казни сите христијани на таа територија. Наредил да се запалат сите христијански цркви и книги, а христијаните ги протерал од нивните домови, ги ставил во затвор и ги присилувал да се поклонуваат и да им принесуваат жртви на римските богови. Бидејќи Флоријан не ги послушал царските наредби да им се поклони на римските богови и да ги прогонува христијаните, бил осуден на смрт со палење.
Самиот Флоријан на четата на Аквилиј им се предал кај местото Лорх. Стоејќи на кладата, тој ги поттикнувал војниците да го запалат огнот, говорејќи им: „Ако го запалите огнот, на огнените јазици ќе ви побегнам на небо“. Уплашен од неговите зборови, наместо да го запали, Аквилиј наредил да му се стави камен околу вратот и да го фрлат во реката Енс. Подоцна, телото на светиот маченик го пронашла некоја набожна жена, која чесно го погребала.
600 години подоцна, некаде околу 900-955 година, во близина на неговиот гроб изграден е манастир во негова чест, а околу манастирот полека се формирала населба, која го добила неговото име.
Свети Флоријан е прогласен за заштитник на Полска, а неговите чесни мошти и денес се чуваат во црквата, посветена во негова чест, во полскиот град Краков.
Свети маченик Флоријан е заштитник и на градот Линц во Австрија, на оџачарите, пожарникарите и сапунарите.
Православната Црква неговиот спомен го празнува на 4 мај според Јулијанскиот календар.