Свети Северин

Протојереј Златко Ангелески

Просветител на Австрија,

Црквата го слави неговиот спомен на 8 Јануари

(410-482; латински: Severinus; германски: Severin von Noricum)

Свети Северин е првиот просветител на областа Норик (денешна Австрија). Главен извор на информации за неговиот живот црпиме од делото „Животот на свети Северин“, напишано во 511 година од неговиот ученик, монахот Евгипиј, во кое ни се предочени многу важни информации за животот на христијанската Црква од тој период. Ова житие било премногу популарно четиво во текот на целиот среден век.

Постојат две верзии за местото на раѓањето на свети Северин – Јужна Италија и провинцијата Африка од Римската империја. Последната верзија, по сѐ изгледа, е најверодостојна, зашто Северин бил одлично запознат со искуството на источното пустиножително монаштво, а во неговото житие се прават и чести паралели на неговиот живот со животот на преподобниот Антониј Велики. За неговиот живот, до започнувањето на проповедта во Норик, денес немаме никакви податоци. Постојат претпоставки дека потекнувал од прочуен род и припаѓал на аристократско семејство, бил одлично образован, а говорел латински, грчки и ивритски јазик.

Според житието, некаде околу 453 година, по смртта на Атила, свети Северин дошол во земјата по текот на горниот дел од Дунав, кој бил опустошен од нападите на Атила и Хуните. Северин го проповедал христијанството, основал манастири, а во исто време се грижел за прехранување на гладните и згрижување на бездомниците. Лично тој практикувал строг аскетски живот, подобно на големите пустиножители – Антониј Велики и Павле Тивејски. Неговата активност предизвикала голема почит кај локалното население, а набргу се стекнал и со симпатии кај водачот на германските племиња Одоакар. Евгипиј соопштува дека Северин му претскажал на Одоакар дека ќе стане владетел на Рим. Со своите залагања, тој основал и два манастири на дунавските градови Пасау и Маутерн. За активностите на светителот во овие градови, денес ни соопштува и месната традиција во Клостернобург и Салцбург.

Според Евгипиј, свети Северин се упокоил на 8 јануари 482 година. По шест години од неговата смрт, неговите ученици го пренесле неговото тело од Маутерн во Италија. Најпрво, тоа било однесено во Неапол, во Кастел-дел-Ово, а потоа било положено во бенедиктовиот манастир на Свети Северин во близината на Неапол.

Меѓу другите факти, во неговото житие се раскажува и за тоа дека, свети Северин никогаш не носел обувки на своите нозе. Дури и во најстудените зими, тој одел бос по свирепиот мраз, давајќи им пример на своите браќа во трпението. Еднаш, пак, кога бил на молитва, заедно со своите монаси, пред очите на сите, свеќата, која тој ја држел во своите раце, сама се запалила. Долгите пости ги поминувал во крајна воздржливост: јадел само еднаш неделно, па сепак, бил виток и никогаш не се забележувал замор на неговото лице. Свети Северин денес е заштитник на Австрија, Баварија, на затворените, лозарите и ткајачите, а Православната Црква неговиот спомен го слави на 8 јануари според Јулијанскиот календар.