Протојереј Златко Ангелески
Првиот епископ на Тренто и заштитник на Тирол, чиј спомен православната црква го слави на 26 јуни.
(околу 353 – 405; италијански: San Vigilio di Trento)
Свети Вигилиј е роден околу 353 година, во семејството на римскиот патрициј Максентији, најверојатно, Теодосија. Неговите браќа Клавдијан и Магоријан, исто така, се прогласени за свети.
Своето образование Вигилиј го стекнал во Атина и се претпоставува дека бил близок пријател со свети Јован Златоуст. Од Атина, тој најпрво пристигнал во Рим, а потоа заминал за Тренто, каде што во 380 година била избран за епископ на градот. Тој е ракоположен или од Амвросиј Милански, или пак од Валеријан Аквилејски (Valerian of Aquileia).
Како епископ, свети Вигилиј се заложил да ги обрати јазичниците и аријанците во вистинската вера, па така во својата епархија формирал над 30 парохии. Во едно писмо, за кое се претпоставува дека го напишал Амвросиј, Миланскиот епископ го поттикнува и охрабува светителот да се спротивставува на склучувањето на бракови меѓу христијаните и јазичниците. (Ep. 29 in P.L., XVI, 982).
Свети Вигилиј проповедал и во Бреша и Верона, иако овие градови биле надвор од неговата епархија. Негови сотрудници во делото на мисионерството биле светите Сисиниј, Мартириј и Александар, кои биле испратени лично од Амвросиј. Преданието ни говори дека тие биле родум од Кападокија. Токму на свети Вигилиј му е припишано авторството на делото De Martyrio SS. Sisinnii, Martyrii et Alexandri (P.L., XIII, 549).
Според едно подоцнежно предание, свети Вигилиј, во придружба на своите браќа Клавдијан и Магоријан, како и на свештеникот Јулијан, бил убиен на местото каде што денес се наоѓа парохијата Ренден (Rendena), во долината Ренден (Rendena Valley), каде што тој проповедла против поклонувањето на лажниот бог Сатурн. По богослужбата и ревносната проповед, светителот ја превртил неговата статуа и ја фрлил во реката Сарка (Sarca). За оваа негова постапка, тој бил каменуван до смрт во околината на езерото Гарда, во местото кое денес е наречено пунта Сан Вигилио (Punta San Vigilio).
Свети Вигилиј денес е прославен како заштитник на областа Тирол во Австрија, како и на епархијата Болцано во Италија. Православната Црква неговиот спомен го празнува на 26 јуни според Јулијанскиот календар.