Светиот Епископ Виргилиј, заштитникот на градот Салцбург

Црквата го слави неговиот спомен на 27 ноември, по Јулијански календар

(710-784; латински: Virgilius; ирски: Feirgil)

Свети Виргилиј е роден околу 710 година во Ирска, во прочуено и благочестиво семејство. Како младо момче примил монашки чин, а потоа бил назначен и за игумен на манастирот Агабо, во околината на Даблин. Уште од најмали години се вљубил во книгата и науката, па набргу станал далеку прочуен по својата наобразба, поради што го стекнал епитетот Виргилиј Геометарот. Уште во VIII век Ирска била центар на европското монаштво и татковина на големи проповедници, кои не се штеделе себе си во проповедањето на христијанството на континентална Европа. Виргилиј не бил исклучок во тоа. Откако добил поддршка од мајордомот на Франките, Пипин Кроткиот, во 745 година Виргилиј се упатил во Салцбург, кој тогаш се наоѓал на границата на христијанскиот свет, па постанал игумен на бенедиктовиот манастир на Свети Петар, кој претходно бил основан од свети Руперт.

Виргилиј успешно го продолжил делото на свети Руперт, развивајќи активна мисионерска дејност во таа област. Освен германските племиња, свети Виргилиј започнал да ги зацврстува во верата и словенските племиња во Каринтија. Неговиот помошник, епископот Модест, изградил многу цркви за потребите на словенските народи, а 80 години пред мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, тој веќе ги направил првите обиди за превод на богослужбените книги и библиските текстови на словенски јазик.

Во текот на христијанизацијата на алпскиот регион, Виргилиј стапил во конфликт со свети Бонифациј, во однос на прашањето на крштевањето. Степенот на образованост кај многу свештеници бил премногу низок, така што многумина гледале пречка во изговорањето на формулата при светото крштевање, зашто дел од латинското свештенство изговарал: „Јас те крштевам во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“, а не како што е правилно да се изговара: „Се крштева Божјото чедо (името) во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“, па од незнаење се вршеле прекрштевања на голем дел од верните. Виргилиј настојувал да се признае крштението, без разлика која од двете формули е изговорена, зашто многу е поважна благодатта, која слегува врз крштениот. Овој спор бил разрешен од папата Захариј, кој ја потврдил тезата на Виргилиј.

Под раководство на епископот Виргилиј, во 774 година била завршена градбата на прекрасната базилика во Салцбург, која подоцна била пренаменета во катедрален храм.

Свети Виргилиј се упокоил во 784 година во Салцбург. Заедно со свети Руперт, прогласени се за покровители на градот. Две статуи во нивна чест, поставени се на влезот на катедралниот храм во Салцбург.

Споменот на светиот епископ Виргилиј, Православната Црква го празнува на 27 ноември според Јулијанскиот календар.

Извор: https://blagovesti.wordpress.com/2013/10/18/sveti-episkop-virgilij/