„Концерт на добрината“ со звуците на македонскиот традиционален мелос во Ново Село

Пишува: Катерина Дафчева

Целовечерен хуманитарен концерт со богатиот традиционален македонски мелос, песни и ора подготвуваат членовите на Вокално инструменталниот состав „Стихири“ од Струмица во соработка со ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје. Станува збор за хуманитарен настан под мотото „Децата со љубов – Концерт на добрината“ кој го организира Фондација Елеуса од Струмица, а ќе се одржи в недела, 31 март 2024 година со почеток во 17 часот во Центарот за култура „Јане Сандански“ во Струмица.

– Ова е прв настан што како Фондација го организираме надвор од градот Струмица. Ние делуваме на подрајчето на Струмичката Православна Епархија и за нас е битно со својата мисија да стигнеме до секое место. Со задоволство го организираме овој настан во Ново Село и очекуваме Домот за култура „Јане Сандански“ да биде исполнет до последно место. Билетите се по симболична цена од 150 денари, а собраните средства ќе ги намениме за подготовка на велигденските пакети за над стотина наши корисници – објаснуваат од Фондација Елеуса.

На репертоарот ќе бидат застапени најголемите хитови од богатата народна ризница, објаснува Маја Витанова, професор и раководител на ВИС „Стихири“.

– Вокално инструменталниот состав „Стихири“ функционира скоро две години. Во него членуваат млади талентирани инструменталисти и хористи. Го негуваме традиционалниот староградски музички напев, па нашиот состав има чалгиски призвук. Истовремено, како дел од струмичката православна епархија, нашиот состав ја издаде авторската „Климентова песна“ во чест на Свети Климент Охридски. Конкретно за овој концерт ние подготвивме познати рефрени, кои се дел од богатото староградско музичко наследство кое треба да се негува и пренесува на идните генерации, појаснува проф. Витанова.

Од „Стихири“ велат дека соработката со ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ е од исклучителна важност, посебно кога тоа се прави во име на хуманоста.

Фондација Елеуса досега има организирано повеќе хуманитарни музички настани за прибирање финансиски средства за реализација на програмските активности, меѓу кои и акцијата „Топол оброк за сите“, „Хуманитарни пакети“ итн.