Нов повик за „итен и одржлив прекин на огнот“ во Појасот Газа упатуваат патријарсите и претстоителите на христијанските цркви во Ерусалим во нивната заедничка велигденска порака оваа година.
По повод празникот Велигден, според грегоријанскиот календар, тие ја повторуваат својата осуда „на сите насилни дејствија во сегашната деструктивна војна, особено оние насочени против невините цивили“.
Во својата порака меѓу другото наведуваат:
„Знаеме дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него. Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го живее за Бога го живее (Рим. 6, 9-10).
Ние, патријарсите и претстоителите на црквите во Ерусалим, иако оваа година славиме на два различни датуми, обединето му ја објавуваме на светот Радосната вест за Воскресението Христово, која за прв пат ја објавија ангелите пред речиси два милениума, на празниот гроб, тука, во Светиот град Ерусалим.
Оваа велигденска порака која носи надеж, не само што го потврдува Христовиот триумф над гревот и смртта, туку им ветува и спасение на оние кои доаѓаат при нашиот Господ со вера и со покајани срца. Како што напишал апостол Павле, ’како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението’ (Рим. 6, 4-5).
Со оваа Пасхална објава, ние сме целосно свесни за тешките неволји што нè опкружуваат тука, во Светата земја, како и во многу други делови на светот. Во однос на нашата сопствена ситуација, ја повторуваме нашата осуда на сите акти на насилство во тековната разорна војна, особено оние насочени против невините цивили и го повторуваме нашиот повик за итен и траен прекин на огнот“.
Во исто време, тие го повторуваат својот апел за брза дистрибуција на хуманитарна помош, ослободување на сите затвореници, непречен пристап на целосно опремени лекари и медицински персонал да се грижат за болните и ранетите, и почеток на преговори со цел да се стави крај на циклусот на насилство.
„Само на овој начин, веруваме дека може конечно да се постигне сеопфатно решение за праведен и одржлив мир, тука, во земјата каде што нашиот Господ го жртвуваше Својот живот, „да измири сè со Себе“, за да му ја понуди на светот надежта на помирувањето (Ефес. 2, 1; Кол. 1, 20)“, истакнуваат тие.
Понатаму, патријарсите и претстоителите на христијанските цркви во Ерусалим упатуваат особени поздрави до верниците во Газа кои, како што забележуваат, креваат големи крстови во последните месеци, како и до оние кои се засолниле во црквите Свети Порфириј и Светото Семејство.
„Иако оваа велигденска порака е упатена до христијаните и до другите ширум светот, ние ги упатуваме нашите посебни поздрави до оние верници во Газа кои носат големи крстови во последните месеци. Тие ги вклучуваат оние кои се засолнија во црквите Свети Порфириј и Светото Семејство, како и храбриот персонал и волонтерите на Англиканската болница Ахли и пациентите за кои се грижат“, велат тие.
Завршувајќи со велигденската порака, тие дополнуваат:
„На нив и на сите кои со вера го очекуваат Воскресението Христово, дури и во сегашната темнина, да ја извикаме оваа надежна порака на Свети Павле: ’Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нè оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ’ (Рим. 8, 38-39).
Во овој дух на доверба, во какви било околности, можеме да се обединиме со повторување на древниот и радосен пасхален поздрав кој продолжува да одекнува низ вековите:
„Христос воскресна! (Al Maseeh Qam! Christos Anesti! Christos haryav i merelotz! Pikhirstos aftonf! Christ est Ressuscité! Cristo è risorto! Christus resurrexit! Meshiha qam! Christos t’ensah em’ muhtan! Christus ist auferstanden!) Навистина воскресна! Алилуја!“
Патријарсите и претстоителите на црквите во Ерусалим.