Драги браќа и сестри!
Почитувани Украинци!
Денеска се навршуваат две години откако руските власти започнаа голема воена инвазија на територијата на нашата татковина. Сведоци и жртви на последиците од тој грешен чин се сите наши сограѓани во чии куќи дојде оваа страшна војна, носејќи со себе неизмерна тага полна со солзи и страдања, страв и очај и што е најважно и најстрашно, одземајќи животи кои ни се дадени од Бога.
Сепак, сите ние на целиот свет му ја покажавме нашата храброст и смелост во одбраната на нашата родна земја и го покажавме единството на нашиот народ. Од првите минути од тоа страшно февруарско утро пред две години, Украинците донесоа одговорна и самопожртвувана одлука да ја бранат својата земја од злобниот непријател, достојно заштитувајќи го правото на слободен живот за својата земја.
Со голема почит им благодариме денес на сите војници на вооружените сили на Украина! Подвигот на секој од нив, и мажи и жени, е непроценлив придонес во победата над непријателот. Од самиот почеток на војната, Украинската православна црква ги благослови своите верници да ја бранат својата татковина и повика на посебна молитва за Украина, за сите жртви на војната и, секако, за воините, бидејќи – како што вели Свети Јован Златоуст – тие се поставени напред како бедеми, зад кои оние што се внатре се наоѓаат во мир и безбедност.
Секој ден слушаме вести за загинати војници и цивили. Нека овие горчливи вести во никој случај не станат сува констатација на факти или обична воена статистика. Да се потсетиме дека секој мртов воин или цивил е бесценет живот во очите на Бога. Се молиме Господ да ги упокои нашите покојни сонародници во небесните живеалишта и да ги утеши срцата на нивните најблиски со Својата Божествена благодат.
Денес, Украинската православна црква уште еднаш ја сведочи и потсетува на нејзината љубов кон украинскиот народ и земја, дури и кога многумина претпочитаат да не го забележат тоа. Нашата Црква ја поддржува нашата држава и нашиот народ со збор и со дело, преку секојдневни молитви, работа и одбрана на земјата, за што нашите верници вложуваат напори. Тоа не го правиме за да угодиме некому или да докажеме нешто некому. Тоа го правиме затоа што должноста да се брани својата татковина е еден од важните принципи во животот на еден христијанин. Треба да бидеме достојни граѓани на земното царство за да станеме подеднакво достојни граѓани и на Царството Небесно.
Истовремено, немаме морално право да молчиме за оние негативни работи што се случуваат денес во внатрешниот живот на нашата земја, поточно во нејзината религиозна област, а се штетни за државата. Мислам дека самиот живот сведочи за погрешноста на верската политика што се водеше досега и беше насочена против Украинската православна црква. Поделби, меѓуконфесионално непријателство, кавги, конфликти меѓу најблиските и во општеството воопшто, разочарување, очај и демотивација на луѓето, материјал за руската пропаганда – тоа се плодовите на оваа политика. Убеден сум дека оваа верска политика треба да се преиспита, бидејќи таа не донесе ништо конструктивно или позитивно за нашиот народ, ниту внатре, ниту надвор од државата, туку им донесе само проблеми.
Драги браќа и сестри! Војната, за жал, продолжува и, од човечки аспект, не ѝ се гледа крајот. Затоа во овој момент, кога добиваме страшни вести од фронтот, треба да се потсетиме на единството што го имавме пред две години, кога речиси никој во светот, освен самите нас, не веруваше дека нашите вооружени сили се способни да ја попречат Руската армија. Денес, како никогаш досега, од суштинско значење ни е внатрешната солидаризација на општеството и сознанието дека во единството е нашата сила. Ужасот што ни го донесе војната нема да го скрши нашето општество доколку секој од нас работи за единството и бара начини да бидеме заедно и да избегнеме да правиме нешто што би го уништило ова единство. Во овој тежок период, повикувам сите ние да бидеме обединети во нашиот заеднички стремеж за духовна, слободна и конструктивна иднина на нашата Украина. И Господ нека ни помогне во тоа!
+ Онуфриј,
Митрополит Киевски и на цела Украина,
Претстоител на Украинската православна црква