Митрополитот Јаков од Бугарската православна црква подари дел од моштите на Свети Георгиј Кратовски во родниот град на маченикот

Денеска, кога Црквата го празнува споменот на Свети Георгиј Кратовски, неговиот спомен торжествено беше прославен во градот Кратово. Свети Георгиј Кратовски е патрон на градот Кратово, а прославата на неговиот спомен започна со Вечерна богослужба, на која на покана на Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, претстоеше Митрополитот Доростолски г. Јаков од Бугарската Православна Црква.

Чествувањето на Свети Георгиј Кратовски, продолжи следниот ден, кога пред почетокот на Литургијата, Митрополитот Доростолски г. Јаков на градот Кратово и Кумановско-осоговската епархија подари дел од светите мошти на Свети Георгиј Кратовски. Светите мошти ги прими митрополитот г. Григориј и истите беа изложени во храмот за поклонение на верниот народ.

На Светата Божествена Литургија, на која началствуваше Митрополитот Доростолски г. Јаков му сослужуваа и Митрополитите г. Григориј, г. Иларион и г. Јосиф, како и Епископот г. Никола.

Многубројниот верен народ се поклони пред моштите на Свети Георгиј Кратовски и се причести со Светите Христови Тајни.