Александриската патријаршија потсети дека ѓаконисите никогаш не биле литурзи на Светите тајни

Фотографија: romfea.gr

Александриската патријаршија издаде соопштение во врска со ракоположената жена во ѓаконски чин, што се случи на Велики четврток годинава (за што известивме). Во продолжение следи соопштението:

„Последниве денови се разви дискусија по повод постапката на Митрополитот на Зимбабве Серафим, кој на Велики четврток (2 мај 2024г.) пристапи кон ракополагање на ѓакониса заради мисионерските потреби на неговата свештена митрополија. Овој настан предизвика многу реакции и даде повод за слободно формулирање на различни ставови и пристапи.

Заради избегнување на конфузија, се објаснува следново:

  • Мисијата во Африка има потреба од ѓакониси, пред сѐ за извршување на пастирската дејност и за крштевање на возрасни жени. А, исто така, и за посебни случаи, како што е вдовството, во средини во кои владеат мажи и каде, за долг временски период, жената е отсечена од општествениот и од црковниот живот.
  • Црквата одлично ги знае позицијата, поредокот и предусловите за статусот на една ѓакониса, како што тие се опишани во молитвословите и во каноните на Апостолските установи и на Трулскиот собор. Особено се нагласува дека ѓаконисите, никогаш во историјата на Црквата, не биле жени-литурзи на Светите тајни. Тие, како посветени жени помошнички на севкупната пастирска, литургиска и осветувачка дејност на Црквата, се обраќале само кон жени, кои биле исклучени од црковниот живот поради локалните услови и обичаи. Првобитната Црква се нашла пред овој пастирски проблем и го нашла решението, преку ѓаконисите. Се разбира, кога општествата духовно напреднале и созреале, па ги признале правата на жените, тогаш институцијата на ѓаконисите станала неупотреблива. Меѓутоа, аргументирано институцијата била, и со сигурност останува и денес, во ’духовниот арсенал’ на Црквата за соочување со слични состојби, под особени локални услови.
  • Пред непрекинатото распространување на евангелското слово во Африка и пред континуираното пристапување на домородни сестри во Православието, никнаа духовни проблеми, кои се однесуваат на африканските жени. Тие проблеми се токму исти со оние, со кои се соочила Црквата во првите христијански векови. Светиот Синод на древната Патријаршија на Александрија и на цела Африка првично донесе одлука за оживување и за активирање на институцијата на ѓаконисите во рамките на својата пастирска јурисдикција. Меѓутоа, таа одлука е препратена на понатамошно проучување за конечно формулирање на одделни детали, како што се: одеждите, начинот на служење и литургиската позиција на ѓаконисите во животот на Црквата денес.

Сепак, Митрополитот на Зимбабве г. Серафим, кој е долгогодишен мисионер во Африка, пристапи кон реализација на првичната одлука на Светиот Синод, која сѐ до денес не е станата ефективна, бидејќи не е завршено проучувањето на конкретното прашање, со цел да се донесе конечна синодска одлука.

Да имаме доверба кон нашата Црква, а конкретно кон древната Патријаршија на Александрија и на цела Африка, која пожртвувано, тивко и несебично Го проповеда Распнатиот Христос ширум африканската земја, темелејќи се врз преданието и врз практиката на едната, света, соборна и апостолска Црква. Би било добро кога би се покажала ваква чувствителност (како што сега се пројавува во врска со намерата за правилно оживување на една древна пастирска практика на нашата најсвета Црква) и во врска со кадровските прашања на свештениот клир на патријаршискиот трон на свети Марко, со систематскиот и практичен придонес во апостолската дејност во Африка и во врска со поголемиот проблем на антиканонски упад на друга автокефална Црква во рамките на јурисдикцијата на древната Александриска патријаршија. Исто така, и во врска со богохулниот обид за поделба на нејзиното домородно паство, кое Го запозна Христа преку напорната и пожртвувана служба, па дури и смрт, на смирени грчки мисионери, во слава Божја и за просветлување на нашите африкански браќа, кои се наоѓаат ’во темнина и во смртна сенка’“

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/63301-patriarxeio-aleksandreias-gia-tin-xeirotonia-diakonissas