Фотографија: ria.ru
На 27 април 2024 година, Патријархот Московски и на сета Рус Кирил упати писма до поглаварите на помесните православни Цркви во врска со ужасните примери на притисок, што се вршат над Украинската православна црква (УПЦ). Конкретно, во писмата, Патријархот Кирил кажува за настанот од 24 април годинава (за што известивме), кога Службата за безбедност на Украина (СБУ) изврши претрес во Светогорската лавра (во Украина) и го уапси тамошниот настојател, Митрополитот Свјатогорски Арсениј. Против него е покренато, политички мотивирано, обвинение. Имено, како основа за обвинението се наведува неговата беседа, во која тој, наводно, јавно објавил информација за позициите на украинските вооружени сили. На Митрополитот Арсениј му беше определен 60-дневен притвор, без право на кауција.
„Во обраќањето, за кое се товари Митрополитот Арсениј, тој им соопштува на верниците дека, во навечерието на црковниот празник (на 23 септември 2023г.), припадниците на СБУ поставиле контролни пунктови на патот до манастирот. На тие пунктови тие вовеле потполна проверка на документите на стотици верници, кои се упатиле да го посетат манастирот. При тоа, службениците на СБУ и на локалните вооружени групи, незаконски, собирале лични податоци на поклониците, нивни телефонски броеви и мејлови. Исто така, тие го фотографирале секого од нив. Во својата беседа, Митрополитот Арсениј го истакнува дискриминаторскиот карактер на спомнатите проверки, укажувајќи дека масовните поклонички настани на други религиозни конфесии во Украина се одржуваат без пречки од страна на украинските специјални служби. Јавното спомнување за контролните пунктови не им предизвикало штета на вооружените сили на Украина, а било поттикнато од објективна причина, односно од создавањето пречки на верниците при посетата на богослужбата“ – се вели во писмото на Патријархот.
Понатаму, тој во писмото се осврнува и на обвиненијата, покренати против православните новинари во Украина (за што известивме).
„За основа на обвинението е земена новинарската дејност, односно објави за нарушување на правата на верниците на Украинската православна црква. Конкретно, тие нарушувања се евидентирани во извештајот за остварување на човековите права во Украина, објавен на 4 октомври 2023 година од Одделот на Врховниот комесар на ООН за човекови права. Четворица од обвинетите новинари, меѓу кои и еден свештеник, се притворени и ним им се заканува многугодишна или доживотна затворска казна“ – нагласува Рускиот Патријарх.
Тој наведува дека во април годинава, украинските власти, без образложение, блокирале редица православни информативни интернет ресурси, кои ги обелоденуваат религиозната политика на властите, положбата на Украинската православна црква и фактите за нарушување на правата на нејзините верници.
„Гонењата на верниците на Украинската православна црква во Украина добиваат црти на тотален антирелигиозен терор, кој вклучува затварање на храмови и на манастири, незаконски прогонства на клирици и мирјани, вонсудски пресметки, а исто така и затварање на информативни ресурси, кои ја разоткриваат вистината за гонењата“ – истакнува Патријархот Кирил.
„Притисокот врз Украинската православна црква, што сѐ повеќе се засилува, доби карактер на отворени религиозни гонења и мене повторно ме поттикнува да Ви се обратам за подршка, сеќавајќи се на апостолските зборови: ‘Кога страда еден дел, тогаш со него страдаат сите членови на Православната Црква’ (сп. 1Кор 12, 26)“ – се вели во писмата, кои Патријархот Кирил ги испрати до поглаварите на помесните Православни Цркви.
Писмата се упатени до: Патријархот на великиот град Антиохија и на целиот Исток Јован X, Патријархот на светиот град Ерусалим и на цела Палестина Теофил III, Католикосот-Патријарх на цела Грузија Илија II, Српскиот Патријарх Порфириј, Романскиот Патријарх Даниил, Светиот Синод на Бугарската православна црква, Архиепископот Тирански и на цела Албанија Анастасиј, Митрополитот Варшавски и на цела Полска Сава, Митрополитот на Чешките земји и на Словачка Ростислав, Митрополитот на цела Америка и на Канада Тихон, Архиепископот Охридски и Македонски Стефан.
Исто така, тој упати писма и до редица религиозни фактори и до претставници на меѓународните организации.