Неговото Преосвештенство Епископот Горњокарловачки г. Герасим од Српската православна црква неодамна објави отворено писмо за поддршка на страдалните припадници на Украинската православна црква.
Во продолжение, ова писмо го пренесуваме во целост.
Сеќавајќи се на сежртвената Голготска љубов Христова и прославувајќи го радосното Воскресение на Спасителот, со кое смртта стана живот, пеколот се претвори во рај, стравот во радост, ужасот во восхит, а смртта се преобрази во вечна бесмртност, не можеме да останеме неми на страдањето и прогонот на живиот организам, Неговата Црква во Украина, затоа што ако мислиме дека сакаме добро, а притоа сме добронамерни кои молчат, тогаш злосторниците го креваат својот глас и со своите дела ги прогонуваат правдољубивите и вистинољубивите луѓе!
Нашите мисли и коленопреклони молитви се насочени кон Господа, поради страдањето и безочниот прогон на Украинската православна црква, каде што нашата Света Црква секојдневно трпи удари од гонителот на вистинската вера, а од оние кои не се двоумат ниту да се поистоветат со мрачните сили од длабочините на пеколот.
Несомнено, денес, во Украина, имаме затвореници, ги имаме новите исповедници на православната вера: Високопреосвештените господа митрополити, Јонатан Тулчински и Брацлавски, Павле Вишгородски и намесникот на Киевско-печерската лавра, Лука Запорожски и Мелитополски и Теодосиј Черкаски и Каневски, Арсениј Свјатигорски, Лонгин Банченски и многу други архијереи, свештенослужители заедно со своето верно и непоколебливо стадо. Сите наши претходно споменати браќа страдаат неправедно, во фингирани и пред сè лажни судски процеси и обвиненија, затворање во зандани, физички напади, одземање на местата за молитва и секакви други ускратувања на основните човекови права.
Драги браќа страдални, вие сте на страната на правдата и вистината, како што во времето на страшните прогони и страдања во средината на дваесеттиот век беа Свети Сава (Трлајиќ), свештеномаченик, епископ Горњокарловачки, кој боговдахновено ги изговори зборовите кои се актуелни и денес: „Вистинскиот мир не почива на силата, туку на правдата. Правдата потекнува од добрата волја, а не од самоволието… Без вера во Бога, нема меѓусебна љубов. Без љубов нема добра волја меѓу луѓето. Без добра волја нема правда, а без правда не може да има вистински и траен мир на земјата!“
Повикуваме на правда и љубов и Го молиме Господа да ги вразуми неразумните прогонувачи на Христа и на Неговото стадо, да ѝ подари мир на нашата Света Црква во областите каде што неуморно Му служите на Бога, сета полнота на Црквата Христова да ја утврди на Неговиот пат, Вас да Ве зајакне и да Ви даде сила секогаш несебично да Му се предавате на Господа и да истраете во мисијата за зачувување на верата и за непоколебливост на Вашите вековни огништа. Она што денес Вам Ви го прават е систематско уништување на православието и бесрамно гонење на Христа Кого Вие Го сведочите, исповедате и љубите со сето свое срце, со сета своја душа и со сите свои дела!
Укрепувањето коешто Воскреснатиот Животодавец во овие денови ни го дава е сила што ја призиваме на Вас, затоа што денес Вие, православните чувари на верата, сострадувате со Господа и секојдневно го проживувате својот Велики петок, исчекувајќи го Воскресението кое носи живот, мир и слобода.
Непрестајно повторувајќи ги зборовите на Спасителот: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (Јн. 15, 20), заради Вас кои страдате заради правдата, заради Вашето слободно слово и заради храброто исповедање на верата, останете цврсти, непоколебливи, бидејќи „…кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Мт. 24,13).
Со коленопреклона молитва Воскреснатиот Господ да ги излее Својата благодат и љубов врз страдалните браќа и сестри во Христа, Ве поздравуваме со поздрав на радост и на нов живот, ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
Епископ Горњокарловачки
+ Герасим
Со свештенството и богољубивиот верен народ
Извор: https://www.eparhija-gornjokarlovacka.hr/отворено-писмо-подршке-страдалној-бр/