Средба на Цариградскиот Патријарх со Францускиот претседател и со претставници на Римокатоличката црква во Франција

Неговата Светост Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј во понеделник, 22 април 2024 година, имаше официјална средба со Неговата Екселенција Претседателот на Француската Република г. Емануел Макрон, кој го прими со голема почит и со соодветни почести во Елисејската палата.

Разговорите, кои траеја повеќе од еден час, се одвиваа во срдечна атмосфера и се фокусираа на иницијативите на Цариградската патријаршија и на актуелни прашања. Претседателот Макрон покажа особен интерес за случувањата во Православната црква, поради тековните воени конфликти во Украина и на Блискиот Исток, и му честиташе на Неговата Светост за недвосмислената и јасна осуда на војната и за примерот што го дава како водечки верски лидер. Патријархот му се заблагодари на претседателот на Франција за поканата за средба и за неговите топли зборови и му го пренесе благословот на Цариградската црква за севкупната успешна организација и одржување на претстојните Олимписки игри во Париз и изрази желба тие да означуваат почеток на примирје, како што се случувало уште во античко време.

Од страна на францускиот претседател, на состанокот присуствуваа: г-ѓа Анастасија Колосимо, советник за меѓународни односи, г. Бертранд Бухвалтер, советник за европско-турски односи, г-ѓа Виолен Демаре, советник за безбедност, и г. Жан-Кристоф Посел, советник за верски прашања, а од страна на Цариградската патријаршија: Високопреосвештените Митрополити Халкидонски г. Емануел, Француски г. Димитриј и на Саранда Еклисиес (Лозенград) г. Андреј, како и отец Аетиј шеф на кабинетот на Неговата Светост.

Потоа, Неговата Светост со својата придружба го посети седиштето на Собранието на Римокатоличките бискупи на Франција, каде со топли зборови беше пречекан од претседателот на Собранието, Архиепископот на Ремс, г. Ерик де Мулен-Бофор. Патријархот не пропушти да ги нагласи братските односи меѓу него и Римскиот Папа, нивниот заеднички акцент на синодалноста, како и можностите што се нудат за односите меѓу Православната и Римокатоличката црква до претстојната годишнина, во 2025 година, на 1700-годишнината од свикувањето на Првиот Вселенски Собор во Никеја.

Во своето слово на приемот, Патријархот Вартоломеј, помеѓу останатото, истакна:

„Великодушноста на овој прием што го нуди Архијерејската конференција придонесува за нашата цврста посветеност да работиме на помирување на нашите сестрински Цркви преку гестови на екуменско милосрдие.

Односите меѓу Вселенската патријаршија и Католичката црква на Франција не се ниту новина ниту иновација. Можеби е неопходно, патем, да се потсетиме дека токму во контекст на Климентинскиот мир (1669-1679), во втората половина на 17 век, комуникацијата помеѓу Соборот на бискупите на Франција, претходникот на Вашето сегашното собрание, и Архијерејскиот Синод на Константиновиот град, овозможи да се започне длабок и плоден теолошки дијалог.

Надминувајќи ги вековните предрасуди поврзани со болното одвојување на црквите на Истокот и Западот, Католичката црква на Франција секогаш покажувала голем интерес за зближување на Црквите. Преку својата научна работа, таа постојано покажува голем интерес за светоотечкото богословие на византиската црква, за нејзината еклисиологија и нејзината литургиска традиција, гледајќи во сето тоа многу елементи кои можат да создадат поволни услови за помирување и заедништво. Таа отсекогаш инсистирала на она што ги обединува нашите Цркви, а не на она што ги разделува. За нејзината улога како посредник меѓу Рим и Новиот Рим не треба да се каже ништо повеќе. А улогата на францускиот епископат во различните комисии на Вториот ватикански концил им е позната на сите.

Затоа, свесен за ова долго пријателство, и во желба тоа да зајакне, позитивно одговоривме на првата покана од Собранието на бискупите на Франција во 1995 година. Беше чест што бевме толку топло пречекани од собрание на чија сериозност и компетентност можеме само да се восхитуваме, во нејзината грижа да го прилагоди Евангелието и неговото објавување на посебните услови на Француската Република, особено поврзани со појавата на предизвиците на современото доба на секуларизацијата.“

На крајот, Патријархот Вартоломеј се осврна и на прашањето на заедничката прослава на Христовото Воскресение, велејќи:

„Како да не ја изразиме нашата желба еден ден да видиме дека сите христијани го слават Велигден на заеднички датум. Уште во април 1700 година, Касини го покани архимандритот Хрисант Нотара, ентузијаст за астрономија и иден патријарх на Ерусалим, да ја посети Париската опсерваторија за во научна рамка да размисли за потребата од реформи во календарот. Ова доволно кажува дека оваа желба не е нова и дека отвора перспективи полни со надеж. Со овие неколку зборови, дозволете ни уште еднаш да ви се заблагодариме за приемот и повторно да ви кажеме колку сме среќни што сме меѓу вас. Зашто, како што пишува псалмопевецот: ’Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно’ (Пс. 132, 1).“

Извор: https://ec-patr.org/ο-οικουμενικός-πατριάρχης-στον-πρόεδ-2/