Десетинскиот храм пред рушењето
Во ноќта од 16 кон 17 мај 2024 година, украинските власти го срушија храмот посветен на светите Владимир и Олга, во Десетинскиот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“, во Киев.
Рушењето на храмот се одвиваше во текот на ноќта, под силна полициска заштита. Претходно, братството на манастирот беше известено да ги изнесе сите богослужбени предмети и свештенички одежди од храмот, но сепак, таму останаа светиот престол, вградени бронзени икони, крстови и други нешта кои не можеше да бидат изнесени.
Остатоците од храмот се пренесени во камиони во непознат правец, така што на местото на храмот сега е останата само бетонската основа.
Првиот Десетински храм бил изграден кон крајот на 10 век. Него го подигнал светиот кнез Владимир Киевски. Храмот се издржувал со средства, добиени од десеттиот дел од приходите на кнезот. Затоа го добил називот „десетински“.
Во Десетинскиот храм била препогребана светата рамноапостолна кнегиња Олга. При раскопувањата, таму бил пронајден мермерен саркофаг. Се смета дека токму во него почивала света Олга.
Храмот бил разурнат во 1240 година, при наездата на татаро-монголскиот хан Батиј. Во 30-те години на 17 век, до тоа место бил изграден мал храм во спомен на претходно разурнатиот. На почетокот од 19 век од тој храм останале само урнатини. Во 1842 година бил осветен нов Десетински храм, посветен на Успението на Пресвета Богородица. Во периодот на гонења на Црквата од страна на тогашните државни власти, поточно во 1936 година, храмот бил повторно разурнат.
Во 2007 година, Митрополитот Киевски и на цела Украина Владимир го изврши осветувањето на повторно изградениот Десетински храм, во чест на светите рамноапостолни кнез Владимир и кнегиња Олга. И, ете, на 16 мај 2024 година, овој храм е повторно разурнат од страна на државните власти, под образложение дека е нелегална градба.
Извор: https://pravlife.org/ru/content/snesen-vladimiro-olginskiy-hram-desyatinnogo-monastyrya-v-kieve