Тематска средба со младите – предизвиците, слободата и одговорноста

Пишува: Катерина Дафчева

Попладнево во преполниот Младински центар во Струмица се одржа средба на која зборуваа викарниот епископ Стобиски г. Јаков и спец. д-р Петар Марков, абдоминален хирург, а во организација на Фондација Елеуса.

На барање на младите, Фондацијата ја организира оваа средба, за низ неформален разговор да проговорат за суштествени теми кои произлегуваат од нивното секојдневие, модерното време и динамичниот живот – односно – дигитализацијата, социјалните медиуми, но и етиката, слободата и човечноста и предизвиците пред сите нив.

Во своето излагање, д-р Марков ја раскажа својата животна приказна, како со трудољубивост, посветеност и трпеливост успеал од родното Ново Село, да ги победи егзистенцијалните предизвици кои стоеле пред нивното семејство, и да влезе во хируршките сали, но и да биде дел од основањето на светското глобално движење Арка на познатиот клинички психолог Џордан Питерсон. Тој на младите им посочи дека мора да се познаваат себеси, својот потенцијал и да не го трошат своето време на бесцелно. Туку, да ги откријат своите интереси, да се посветат на нивно остварување, за да израснат во зрели и реализирани личности, кои ќе бидат украсени со љубезност, добрина, човечност…

Осврнувајќи се на апостолските зборови на Св. Павле: „ Сè ми е дозволено, но не е сè полезно“, викарниот епископ Стобиски г. Јаков ги повика младите да бидат бунтовни кон сервилноста и униформноста на глобалното општество. Да бидат сомничави, да нурнуваат под површината на масовно прифатените наративи, кои се обидуваат да го затворат младиот ум во тоталитарни зандани кои пласираат невистини кои се погубни не само за младите туку и за општеството.

Слободата е спротивставување на таквите етаблирани (не)вистини, слободата е мислење со своја глава, слободата е и критика и скепса, па ако треба кон сите и кон сѐ. Но, сомнеж кој нема да не сопре во безизлез, туку ќе биде поттик за откривање на вистината, барање одговори, изнаоѓање решенија. Конструктивен сомнеж кој ќе нѐ направи подобри личности.

Од Фондација Елеуса велат дека и во наредниот период, ќе организираат вакви средби со младите кои се желни да чујат одговори за нивните прашања и дилеми, кои знаат да бидат многу збунувачи во младоста. Одговори со кои не мора секогаш да се согласат, но одговори кои ќе доведат до плурализам на мислата и рушење на модерните стереотипи и рушење на предрасудите на кансел културата. Одговори кои треба да ги охрабрат гласно да го кажат својот став без разлика на актуелните квазимодерни теории и трендови.