Украинската православна црква апелира до Романската православна црква да ја преиспита својата одлука

На 7 март годинава, информативно-просветниот оддел на Украинската православна црква (чиј поглавар е Митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј) објави коментар во врска со намерата на Романската православна црква да основа своја структура на територијата на Украина (за што веќе известивме). Во продолжение следи коментарот во целост:

 „Одлуката на Светиот синод на Романската православна црква, во врска со намерата да отвори своја структура на канонската територија на Украинската православна црква, ја примивме со изненадување и загриженост. Таа одлука му противречи на канонскиот поредок на црковниот живот, кој се темели на територијален, а не на национален принцип. Имајќи ги во своето лоно романско-јазичните парохии, Украинската православна црква нив ги цени, бидејќи нивното присуство кај нас ја истакнува универзалната природа на Црквата. Исто така, ние правиме сѐ што е потребно, романско-јазичните верници да се чувствуваат удобно во лоното на нашата Црква, имајќи потполна слобода за извршување на богослужението на романски јазик и за чување на своите национално–духовни традиции. Односите меѓу Романската православна црква и Украинската православна црква секогаш биле топли и конструктивни. Затоа, сакаме да се надеваме дека донесената одлука, од романска страна, ќе биде преиспитана и дека нема да ги засени, традиционално, добрите односи меѓу нашите Цркви.“

Извор: https://news.church.ua/2024/03/07/komentar-informacijno-prosvitnickogo-viddilu-upc-u-zvyazku-z-namirom-rumunskoji-pravoslavnoji-cerkvi-vidkriti-svoyu-strukturu-na-teritoriji-ukrajini/#2024-03-07