Човекот го бара Бога

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Човекот е створено битие кое го има во себе печатот Божји. Печатот е дарот Божји кој се добива со вдахнувањето на животот во земјениот човек Адам за да постане жива душа. Човекот е божја креација, господова уметничка икона. Човекот како божја креација постои поради Господовата идеја тој да стане сожител со Бога во вечноста.

Човекот во своето историско постоење од самото создавање, па до денес, има потреба да истражува. Од памтивек човекот го бара одговорот за неговото постоење. Човечката свесност има потреба логично да го објасни целокупниот живот на земјата и затоа барањето на вистината е вечната потрага за суштината на целокупното постоење на несознајниот космос. Бесконечното истражување на слободната човечка свест посакува да го објасни почетокот, да ја сфати идејата на создавањето. Во таа смисла и настануваат различните философии и религии во целокупната историја на човечкото постоење. Мислителите, философите, анализирајќи ги промените кои се случуваат во целокупниот пропадлив свет, го втемелуваат логичното созерцание дека сè што постои, мора да постои не случајно туку затоа што има свој апсолутен почеток. Но каде е почетокот? Во истражувањето и анализирањето се доаѓало до различни теории. Дали е самиот почетокот материјален, или нематеријален? Каков е прапочетокот на животот? Човекот ја барал вистината со векови, и илјадници години ги толкувал мистичните духовни појави кои се манифестирале на некакви чудни начини. Човекот го барал Бога и тогаш, но и понатака исто така го бара Бога.

Човечкиот живот претставува лична животна патека која треба да заврши до целта, но кога нештата се сокриени, како е можно да ги осознаеме вистините и како можеме да одиме во мракот на незнаењето за да стигнеме до вистинската цел? Доколку не го откриеме интуитивниот глас во себе кој природно сведочи за Бога, тогаш ќе ја промашиме и патеката. Секако дека природата на створенијата, природата на битијата, го има дарот Божији во создавањето, па оттаму сфаќаме дека природниот закон со своите општи животни норми го насочуваат човекот кон Творецот. Творецот е нашиот прапочеток. Творецот е трансцедентниот прапочеток и иманентно во созданијата се открива на некаков мистичен начин и самата природа го препознава и Го сведочи својот Творец. Човекот го бара Бога во својата агонија на постоењето и интуитивно чувствува дека смртта не е неговата судбинска определба. Вечниот живот е нашата цел која треба да ја пронајдеме. Доколку не ја разбереме и не ја прифатиме свесно уметноста на Творецот и неговата креативна хармонија, нема да престанеме да талкаме. Но сепак и начинот на кој живееме е секако важен. Моралноста и етиката се основните карактеристики со кои можеме да ја наследиме вечноста. Секако се подразбира во нашиов контекст дека верата во едниот Бог подразбира и специфичен кодекс на вреднување. Доколку ја сведочиме со нашиот живот љубовта на нашиот Креатор, ние ќе бидеме поврзани со трансцедентниот прапочеток и ќе ја достигнеме целта на вечноста.

На нас е да ги избираме животните патишта по својата слободна волја, ние сме тие кои бараат, се надеваме дека ќе го пронајдеме патот на вистината за да ја наследиме вечноста.

Господ Исус Христос е вистината, патот и животот вечен, Он е Алфа и Омега, почеток без почеток и крај во бескрајот.


Лекции по веронаука