Синодот на Бугарската црква не бил информиран за намерата на некои бугарски архијереи да сослужуваат со претставници на ПЦУ

Фотографија: Пламен Христов, bnr.bg

Во интервју за бугарското национално радио, Ловчанскиот митрополит Гаврил ја прокоментира одлуката на Руската православна црква за невозможноста од сослужување со бугарските архијереи, кои сослужуваа со претставници на ПЦУ. Во тој контекст, Митрополитот Гаврил истакна:

„Во Светиот Синод не знаевме дека ќе има такво патување во Истанбул. Немаме одлука за такво патување. Тоа си е лично патување на владиците, кои отидоа. Ние од медиумите дознавме за тоа. Претходно имаше гласини, но не се знаеше дали е така. Меѓутоа, не сме имале дебата и одлука во Светиот Синод за тоа“.

Во врска процесот за избор на нов Патријарх, Митрополитот Гаврил се осврна на кандидатурата на Пловдивскиот митрополит Николај. Имено, тој имаше изјава, со која соопшти дека не сака да биде кандидат за нов Патријарх. Ловчанскиот митрополит нагласи дека Синодот не може да донесе одлука, со која Пловдивскиот митрополит би бил тргнат од списокот на кандидати.

„Ние не можеме да донесеме таква одлука. Тоа зависи од него. Тој еднаш кажа дека нема да учествува. Ако сега, на 20 јуни, тој категорично каже дека нема да учествува, тогаш луѓето можат да не гласаат за него. Но, ние поинаку не можеме да донесеме одлука за да го тргнеме од списокот“ – појасни Митрополитот Гаврил.

Тој нагласи дека моментално деветмина членови на Светиот Синод ги исполнуваат условите за да бидат избрани.

„Гласањето е анонимно. Секој од нас заокружува тројца од списокот. Оној кој ќе собере две третини од гласовите, тој е избран. Така се определуваат тројцата, кои добиле две третини од гласовите. Се соопштува дека тие се луѓето, од кои Соборот ќе избира Патријарх“ – објасни Митрополитот Гаврил.

Во врска со недоумицата дали Американскиот митрополит Јосиф ќе присуствува на изборот за Патријарх, тој кажа дека гласа само оној кој присуствува на седницата на Синодот: „Тоа е одлука на Синодот и засега нема индикација да се промени оваа одлука. Ако може, нека дојде“.

Во однос на неговата можност да биде избран, Митрополитот Гаврил изјави: „Јас ниту сакам, ниту одбивам, затоа што монахот ниту сака, ниту одбива“. Тој кажа дека ќе се појави на изборот и ќе го прифати она што Господ ќе даде да се случи.

Извор: https://bnr.bg/post/101999159/mitropolit-gavriil-sinodat-ne-moje-da-izvadi-nikolai-plovdivski-ot-spisaka-s-kandidati-za-patriarh