Стефанос Каселакис го читаше Символот на верата на богослужба во Њујорк

Фотографија: vimaorthodoxias.gr

На богослужбата по повод прославата на денот на грчката независност, за која што веќе известивме, во њујоршкиот катедрален храм на Цариградската Патријаршија – Света Троица, Символот на верата го читаше претседателот на партијата Сириза, Стефанос Каселакис.

Стефанос Каселакис е хомосексуалец, венчан во САД со неговиот партнер Тајлер Макбет, кој исто така беше присутен на богослужбата. Каселакис, отворено се залагаше и даде поддршка за нацрт-законот за брак и посвојување на деца од истополови парови, и покрај силното противење на Црквата на Грција.

Одредени архиејереи на Црквата на Грција, по изгласувањето на законот, изјавија дека црквата веќе нема да им ја укажува должната чест на тие народни пратеници кои не гласале „против“ споменатиот нацрт-закон.

Архиепископот Американски Елпидофор, од Цариградската Патријаршија, кој ја предводеше спомнатата богослужба, пред две години беше изложен на критика откако во Атина крсти деца на хомосексуален пар. Надлежниот архијереј од Црквата на Грција, во чија епархија беше извршено крштението, Митрополитот на Глифада Антониј, изјави дека кога била од него побарана дозвола за крштевката, не му било кажано дека се работи за деца на истополов пар, нагласувајќи дека доколку му било тоа познато, не би дал дозвола за таа крштевка. Подоцна и Светиот Архијерејски Синод на Црквата на Грција упати писмен протест до Архиепископот Елпидофор во врска со овој настан.

Извор: https://www.vimaorthodoxias.gr/oikoumeniko-patriarxeio/nea-yorki-o-stefanos-kasselakis-diavase-to-pisteyo-sta-agglika/, https://www.ekirikas.com/o-mitropolitis-glyfadas-antonios-apo/ , https://www.naftemporiki.gr/society/1353215/iera-synodos-kata-elpidoforou-gia-ti-vaptisi-paidion-gay-zevgariou/